ИСУС И ПРАЗНУВАЊЕТО НА БИБЛИСКАТА ПАСХА
- ICEJ MK
- Apr 26
- 6 min read
Updated: Jul 3

Најважниот ден во историјата на Христијанството, секако е Велигден, денот кога Исус Воскресна. Без делото на крстот Христов, не ќе се оствареше Божјиот план за спас на човештвото. Овој план се одвива од век до ден денес, а во него Бог го избра Израел за да ни го донесе Месијата, Спасителот, Јагнето Божјо, Царот на Евреите, како што и пишуваше на крстот.
За нас ова беше и е почеток на спасението, но за Израелците, приказната за Пасха почна 1500 години пред Исусовото раѓање и се уште трае.
Но, како пример, да не беше Пасхата ќе немавме Велигден. Вредно е да се истакне дека двете се поврзани и имаат многу заедничко.
Заради споредба, би сакал да истакнам некои аспекти на Велигден:
Исус без грев отиде на крстот, го исполни Законот и го обессили гревот.
Ја победи смртта со силата на воскресението
Со своите рани не исцели и не исцелува
Обезбеди избавување и откупување на еден цел народ за Себе, нов човек , кој ги вклучува Евреите и незнабожците.
Го отвори патот да се доближиме до Бога, кога завесата од најсветото место во Храмот, Светијата на Светиите, се расцепи на пола.
Секако дека има уште повеќе да се спомене за значењето на крстот…

Но што е со Пасхата? Го има ли Исус во празнувањето на еврејската Пасха? И како?
Пасха, Песах на еврејски значи Премин. Тоа е еден од трите главни Библиски празници, со Педесетница и Фестивалот на Сеници (Шатори).
Самиот празник Пасха во суштина го оживува сеќавањето на Излезот на Израелците од Египет. Ноќта кога Ангелот на смртта ги одмина првородените на Израел, премина преку куќите кои на своите довратници ја имаа крвта на јагнето, како што им заповеда Мојсеј.
Излезот од Египет, преминот на суво преку морето и влегувањето во Ветената Земја, секако означува избавување од Царството на темнината и влез во Царството на светлината.
Кога на патот кон Ветената Земја застанаа на планината Синај, Бог им заповеда на децата на Израел преку Мојсеј, да ја празнуваат Пасха:
На 14тиот ден од месецот вечерта е Господова Пасха а на 15тиот истиот месец е Безквасници, седум дена јадете безквасен леб… (Левитска 23:5,6)
Како што гледаме Пасхата е поврзана со Безквасници, и веќе следниот ден се чествува овој празник. И во продолжение, веднаш е празникот на Првите Плодови.
Значи, вечерата на Пасха, 7 дена безквасници и на осмиот ден е Празникот на Првите Плодови.
Но, да погледнеме кон празнувањето на Пасхата, или Песах Седер. Песах Седер значи Ред за Пасха. Ред на нештата, или како тече прославата. Овде ќе ја објасниме во 15 чекори, според редот.

Во првиот чекор, се чисти куќата од квас , темелно, дури до трошки, насекаде. Секаков вид на квасец треба да биде исфрлен од дома. Ова може да почне дури и две недели пред Пасха. (Ова темелно чистење има и духовна димензија, како и сите кои следат. На пример, да се исчисти душата од гордост )
Припрема на виното и порциите. Секој учесник на трпезата треба да има четири чаши вино, за децата сокче од грозје, три парчиња Мацах, (безквасен леб) и Седер чинија: карпас-магданос, горки билки, каросет(јаболки, урми, семенки – ореви, бадеми и сл. И вино) коска од јагнето, солена вода или оцет, и рен. (1 Коринтјаните 5:7,8)
Пасхата има водач кој вообичаено со извик ги дава знаците за почнување на новиот дел од процесијата
Се палат свеќите и се кажува благослов
Сите учесници, домашни или гости, ги мијат рацете
Во текот на целата вечер Се чита Хагадата, во која е содржан ритуалот за Пасха
Сите учесници седнуваат т.е. полегнуваат на масата и ја земаат првата чаша вино
“ Осветување “ Кадош
Водачот на Пасхата извикува:Карпас Се кажува благослов, се потопува магданосот во солената вода или оцетот и се јаде за сеќавање на солзите на ропството на Израелците во Египет (магданосот го симболизира исопот кој бил употребуван да се премачкаат довратниците со крвта на јагнето)
Се вадат три маца лебови кои се во бело платно и се покажуваат на сите. Се крши средната маца од трите, се повива во бело платно, и едната половина се крие некаде во куќата. Ова е Афикомен кој ќе биде пронајден подоцна во текот на вечерта, од страна на децата.
Се точи втората чаша вино “ Ослободување “
Најмалото дете ќе праша: “’Како тоа оваа вечер е различна од сите други?’ ’Зошто оваа вечер јадеме безквасни лебови?’ ‘Зошто оваа вечер јадеме горчливи билки?’
‘Зошто оваа вечер јадеме полегани?’“ Тука се раскажува приказната за Егзодусот, Излезот од Египет. Како Господ ги порази Египјаните и ги изгони народите давајќи ја Ветената Земја на Израел. Се става прстот во виното и се капнуваат по десет капки во секоја чинија, во моментот кога се раскажува за десетте казни (зла) врз Египет...
Се јаде маца заедно со рен, доволно рен да те натера да се насолзиш, како начин да се сетиш на маките на ропството. Се јаде маца со каросет за сеќавање на тулите кои тие ги правеа во ропство, кога градеа во Египет.Се јаде маца со каросет и рен за сеќавање на мешаните чувства на горчина и сладост кои ги имаа додека беа во Египет
Се јаде Пасхалната вечера
Децата го бараат скриеното маце – Афикомен (Јован 6:51)
Се благословува Бог и се пие третата чаша вино “Откупување“ и се пеат славителни песни, псалми ( Матеј 26:27-37) Ќе ја пијам последната чаша со вас во Царството
Се пие последната чаша вино “Чаша на Фалење на Бога“ со очекување на враќањето на Месијата
Следната година во Ерусалим
На почетокот го споменавме Божјиот план за спасение на човештвото. Да ја погледнеме сега улогата на Пасхалното Јагне во него.
Уште од почетокот на времето, Бог зборуваше дека нема друг начин да му се доближиме освен преку крвна жртва. Кога Адам и Ева згрешија, Бог ја замени покривката од лисја и ги облече во животинска кожа. За тоа беше потребно да се жртвува животно, да речеме јагне, бидејќи не е наведено чија била кожата. Јагнето сепак е слика за невиност и кроткост.
Во случајот на Авел и Каин, ја има истата димензија, Авел принесува животно како жртва, а Каин плодови. Но, во случајот на Авраам, тој веќе е спремен да го принесе синот кого го љуби како жртва, и тоа Бог го смета за дело од вера во Бога. (Созд. 22:7,8)
Во овој неверојатен пророчки момент, Бог обеззбедува овен, за да се исполни пророштвото на Авраам, во своето време - на крстот Исусов.
Потоа, во инструкциите за прославување на Пасхата, Бог заповеда секој да избере јагне, па фамилијата требало да го пази јагнето 5 дена во дворот, да се провери дека тоа нема никаква дамка или мана. Потоа , откога ќе го заколат јагнето, ги мачкале довратниците со неговата крв. Подоцна кога се изградил Храмот Господов, јагнињата биле носени во Храмот кај свештеникот.На десеттиот ден од месецот, во третиот час биле доведувани, а колени во деветтиот час. -(Марко 15:25, и 34 – 37)
Овде ќе посведочиме и дека Господ Исус ги исполни и овие 5 дена во кои Јагнето се испитуваше за мани и дамки. И старешините и јудејците го правеа тоа за 5 дена. И неможеа да му најдат ниту една дамка, дури и Пилат не го најде за виновен.
Потоа, како што им беше заповедано на Израелците ништо да не остане од јагнето, така и Господ беше симнат од крстот повиен во бело платно и положен во гроб.
Ова секако потсеќа и на осмиот чекор од Пасхата, каде бесквасниот леб, кој се прободова пред печење, се завива во бело платно.

Третиот ден по распнувањето беше Воскресението Христово.
“Но, ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за упокоените. Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку Човек. И како што по Адам сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат; но, секој по својот ред: Христос е првиот плод; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови.“
(1Коринтјани 15: 20-23)
И за крај , едно нешто навистина го открива Господовото срце за воспоставувањето на Новиот Завет:
И им рече: Од се’ срце сакав да ја јадам оваа Пасхална вечера со вас, пред да пострадам. Зашто ви велам, нема веќе да јадам од неа додека не се исполни во Царството Божјо. (Лука 22:15,16)
Исус го воспостави Новиот Завет со својата крв на Пасхата со своите учениици.
А за нас важи: Тие го победија со крвта на Јагнето и со зборот на нивното сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт. (Откр. 12:11)
МАРАН АТА
Тимот на Ицејмк




Comments