top of page
Search

Зошто го славиме Празникот на Сениците

Writer: ICEJ MK
ICEJ MK
7 days ago
5 min read

Од Дејвид Р. Парсонс, виш потпретседател и портпарол на ICEJ
Од Дејвид Р. Парсонс, виш потпретседател и портпарол на ICEJ

„И ќе биде така што секој што ќе преостане од сите народи што дошле против Ерусалим, ќе доаѓа од година во година за да му се поклони на Царот, Господ над војските, и да го празнува Празникот на Сениците.“ — Захарија 14:16

 

Секоја година, почнувајќи од 1980 година, Меѓународната христијанска амбасада во Ерусалим организира христијанска прослава на Празникот на сениците во Ерусалим. Ова е радосен и живописен собир кој секоја година привлекува илјадници христијани од дури 100 нации. Некои можеби ќе се запрашаат: зошто христијаните доаѓаат во Ерусалим за да го празнуваат овој празник? 

Одговорот лежи во универзалното значење на овој древен библиски празник, кој има важност за минатото, сегашноста и иднината на сите народи.

 

Секој библиски празник даден на еврејскиот народ ги содржи овие три аспекта. Од Израел се барало да го празнува празникот во сегашноста за да се потсети на она што Бог го сторил во минатото, но и поради одредена идна пророчка цел скриена во секој од овие празници.

 

Така, на пример, Евреите го започнуваат Шабат секоја недела со палење на две свеќи: едната за да се потсетат како Бог се одморил на седмиот ден од Создавањето, а втората за да го очекуваат милениумскиот одмор ветен за целата земја. Слично на тоа, Пасха и Педесетница се навраќаат на големиот Излез од Египет и на давањето на Законот на Синај, додека нивните скриени идни пророчки цели се исполниле преку смртта и воскресението на Исус и раѓањето на Црквата педесет дена подоцна.

 

Празникот на Сениците, или Сукот, е третиот голем годишен празник на поклонение, кога еврејскиот народ се собира во Ерусалим не само за да се потсети на Божјата грижа во пустината, туку и за да гледа кон онаа ветена месијанска ера кога сите народи ќе се слеваат кон Ерусалим за да Му се поклонат на Господ.

Празник за сите народи

Празникот на сениците (Сукот) бил воспоставен во Левит 23:33-44 како моед, односно „одредено време“ кога сите мажи од Израел требало да се појават пред Господ на местото што Тој ќе го изберел. Бог ги очекувал за да се сретне со Својот народ, но и тие самите морале да се придржуваат до тој договорен термин. Сепак, Празникот на Сениците се разликува од другите одредени празници на поклонение по тоа што во античките времиња, покрај Евреите, и сите други народи биле повикани да дојдат во Ерусалим во тој период и да Му се поклонат на Господ заедно со еврејскиот народ. Оваа традиција потекнува од заповедта дадена на Мојсеј, Израел да принесе седумдесет јунци за време на Сукот; тие биле принесувани за седумдесетте народи кои потекнувале од Ное (види Броеви 29:12-35). Овие жртви ја симболизирале единствената свештеничка улога на Израел пред Бога, во името на сите народи.

Подоцна, Соломон го осветил својот храм за време на празникот Сукот; тогаш тој исто така Го повикал Господ да ги слушне молитвите на сите туѓинци што ќе дојдат таму да се молат (2. Летописи 6:32-33). Соломон бил сигурен дека тие туѓинци ќе дојдат бидејќи ќе слушнат за големото име на Господ – мисла на која се надоврзува и Захарија, кога незнабошците од сите народи велат: „Да одиме со вас, зашто слушнавме дека Бог е со вас“ (Захарија 8:23). Така, Ерусалим и Храмот уште од почетокот биле предодредени да бидат „дом на молитва за сите народи“ (Исаија 56:7; Матеј 21:13).

 

Захарија имал и видение во кое гледал еден иден ден кога сите народи ќе доаѓаат во Ерусалим секоја година „за да му се поклонат на Царот, Господ над војските, и да го празнуваат Празникот на сениците“ (Захарија 14:16).

 

Втор уникатен аспект на Сукот е тоа што тој е празник на радоста. Тоа е есенски празник на жетвата, кој се одбележува со голема радост поради собирањето на плодовите од земјата. Според тоа, Сукот служи и како предвесник на радосното собирање на народите во последните времиња.

 

Минатото: Сеќавање на Бог кој обезбедува сè

Највидливиот симбол на Сукот е малата колиба или сеница, во која Израелците имале заповед да престојуваат за време на осумте дена од Празникот на сениците (Левит 23:33-43). Денес, еврејските семејства низ Израел ги градат овие сеници на своите тераси и балкони и ги украсуваат со шарени плодови, ленти и слики. Некои семејства ги јадат своите оброци во сеницата, па дури и спијат таму преку ноќ.

Овие едноставни и лесни колиби служат како потсетник за Израел дека некогаш живееле во привремени засолништа за време на своите четириесет години во пустината. Условите биле сурови, а тие целосно зависеле од Господ. Сепак, во тоа време, Бог останал верен и им обезбедувал вода, мана, потполошки и сè друго потребно за да опстанат во пустата пустина.

 

Сегашноста: Прославување на Неговото присуство денес

Сукот, исто така, го означува собирањето на летината на крајот од летната сезона, обезбедувајќи храна за претстојната зима. Ова вклучува берење на зрели урми, грозје, смокви, маслинки и калинки – дел од седумте видови плодови што го прехранувале Израел во Земјата (Второзаконие 8:8).


Можеби некои ќе се изненадат, но и Исус го празнувал Празникот на сениците. Во Евангелието според Јован, во седмото поглавје, се вели дека на последниот, „голем ден на празникот“, Тој застанал во дворовите на Храмот и извикал: „Ако некој е жеден, нека дојде кај Мене и нека пие! Оној што верува во Мене – како што вели Писмото – од неговата утроба ќе потечат реки од жива вода.“ (Јован 7:37-38)

 

Иднината: Влегување во радоста на Господ

Како што веќе спомнавме, пророкот Захарија претскажува време кога сите народи ќе доаѓаат во Ерусалим од година во година за да Му се поклонат на Царот, Господ над војските, и да го празнуваат Празникот на сениците (Захарија 14:16). Според тоа, ние денес го празнуваме Сукот поради таа идна пророчка цел скриена во овој уникатен празник, која наскоро ќе се открие – а таа е поврзана со второто доаѓање на Господ.

 

Во текот на Месијанската ера, целиот свет ќе го празнува Празникот на сениците бидејќи тој ќе ја одбележува годишнината од враќањето на Исус за да владее над целата земја. Илјада години ќе се навраќаме на денот на Неговото појавување за да го преземе Давидовиот престол во Ерусалим и да му суди на светот во праведност и мир.

 

Во тоа време, сите народи ќе бидат обврзани да се приклучат кон овој годишен собир, но засега тоа е доброволно. Сепак, кога христијаните денес се собираат во Ерусалим за да го празнуваат Празникот на сениците, тоа претставува моќна изјава на вера дека веруваме оти доаѓа денот кога земјата конечно ќе најде спокој во Месијата, Царот на Израел. Токму затоа можеме да го поврземе она што Захарија го видел во осмото поглавје со она што се случува во денешно време, додека христијани од многу јазици и народи секоја година доаѓаат во Ерусалим за да го празнуваат Празникот на Сениците. 

Во текот на изминатите четириесет и шест години, илјадници христијани од целиот свет секоја есен доаѓаат во Ерусалим за да го прослават Празникот на сениците, под покровителство на Меѓународната христијанска амбасада во Ерусалим. Тие доаѓаат со големи очекувања за да учествуваат во динамично искуство на славење, свесни дека Оној Кого Го славиме наскоро ќе седне на Својот престол во овој величествен град. Навистина, прославувањето на Сукот денес може да ни даде предвкус на радоста на ерата што доаѓа.





 
 
 

Comments


bottom of page