Илјадници луѓе трчаат за надеж и сеќавање во Беери


Беше рано наутро во петокот, на 16 октомври, кога петмина од нас, од Интернационалната христијанска амбасада во Ерусалим, тргнавме од главниот град кон кибуцот Беери за да учествуваме во првата „Трка на надежта“. Знаевме дека тоа ќе биде емотивен ден, но никој од нас не можеше целосно да претпостави што нè очекува.
Околу 3.500 луѓе се собраа за да учествуваат во трки на четири различни должини. Атмосферата беше извонредна. Ова беше многу повеќе од спортски настан. Тоа беше заедница која се обедини за да им оддаде почит на оние што ги загубија животите на 7 октомври, да се потсети на болката и да ја прослави издржливоста на луѓето решени повторно да изградат сè од почеток

Најдолгото растојание, 22 километри, започна точно во 6:29 часот, означувајќи го моментот кога првите ракети беа лансирани три години порано. Никогаш нема да го заборавиме пустошот, стравот и очајната неизвесност од тоа утро. Сепак, тука бевме, назад во овој прекрасен дел на Западен Негев, стоејќи покрај неговите луѓе.
Еден организатор го долови духот на настанот на стартната линија: „Денес не е трка. Денеска е жива издржливост на она што сме ние. Трчајте со сила. Да ги почитуваме нашите паднати и да се вратиме на оваа света земја со живот. Трчајте со надеж. Трчајте со храброст“.
Тие зборови ме потсетија дека не бегаме од болката на минатото, туку кон иднината што овие заедници се решени да ја вратат.

Нашата рута нè водеше низ кибуцот Беери, преку полиња каде што се засадени нови овошни дрвја и покрај спомен-обележја што сведочат за 7 октомври. На различни станици, учесниците можеа да застанат, да напишат пораки на бели камења и да се присетат на оние чии животи беа одземени. На спомен-местото за музичкиот фестивал „Нова“, кон нас гледаа лицата на младите луѓе кои никогаш не се вратија дома. Беше невозможно да се помине, а да не се почувствува тежината на нивната загуба.
Сепак, продолживме понатаму, низ предел каде што уништувањето и обновувањето коегзистираат, покрај заедници близу границата со Газа, каде што некои жители веќе се вратија дома, додека други сè уште се подготвуваат за своето враќање.
Да се биде дел од група луѓе кои ја споделуваат оваа болка беше длабоко трогателно. Во заедницата, во споделувањето на емоциите и во сознанието дека не сме сами – лежи исцелување.
Самјуел, еден од нашите учесници од ICEJ, сподели размислување: „Постои желба за нови почетоци, за нови поглавја – не преку игнорирање на минатото, туку, и покрај минатото, повторно да се каже: ’Ам Израел Хаи‘ (Народот на Израел живее)“.
Кори изрази слично чувство: „И покрај минатото, ние продолжуваме понатаму. Ова е чекор на сеќавање, отпорност и храброст. Тоа е суштината на сите овие луѓе собрани заедно. Ова не е натпревар, туку едно големо семејство кое заедно се радува во областа околу Газа“.
Тоа чувство на семејно заедништво беше несомнено.

Во текот на изминатите три години, ICEJ чекореше рамо до рамо со заедниците во областа околу Појасот Газа. По 7 октомври, тагувавме заедно со луѓето, ги слушавме нивните приказни, плачевме заедно и бевме сведоци на последиците од уништувањето. Но, исто така, засукавме ракави за да помогнеме преку проекти за обнова и реновирање, посети за практична помош, изградба на засолништа од бомбардирање и многу други иницијативи.
Токму затоа, учеството во оваа прва „Трка на надежта“ ми значеше толку многу. Овој регион веќе не е само место на мапата. Неговите жители, нивните приказни и нивната решеност да се вратат станаа длабоко драгоцени за моето срце.
Носевме маици на ICEJ со пораката на хебрејски јазик „Ние сме со вас“ и на англиски јазик „Стоиме со Израел“. За време на трката, две млади жени ги забележаа нашите маици и извикаа: „Колку прекрасно, тие се со нас!“
Тие зборови длабоко ме допреа, бидејќи ме потсетија дека нашето присуство и пријателство се важни. Неколку луѓе нè препознаа за време и по трката, што е одраз на односите што ги изградивме низ годините на практична поддршка. Ние не помагаме од далечина, туку чекориме заедно со овие заедници на нивниот пат кон закрепнување. Додека трчав низ овој крај, се потсетив дека издржливоста не значи заборавање. Лузните остануваат, а ние секогаш ќе се сеќаваме на оние што ги изгубивме. Сепак, растат нови дрвја, домовите се обновуваат, а луѓето одлучуваат да се вратат.

Секогаш ќе се сеќаваме на тоа страшно утро на 7 октомври. Но, ќе се сеќаваме и на ова утро: 3500 луѓе кои трчаат заедно, оддавајќи им почит на загинатите и прифаќајќи ја иднината.
За мене, „Трката на надежта“ беше израз на љубов кон оваа земја и нејзиниот народ. Дојдовме за да се потсетиме, но и за да го славиме животот и, преку секој чекор и секој чин на солидарност, да порачаме: Не сте сами.
Ам Израел Хаи — нека живее народот на Израел!
За да дадете дополнителна поддршка за обновата на Израел по 7 октомври, ве молиме донирајте денес на: icejmk.org/donate




Comments